Хранењето претставува сложен и динамичен развоен процес кој вклучува координирана работа на сетилата и орално-моторните компоненти. Тоа е многу повеќе од само внесување на храна за задоволување на нутритивните потреби, односно тоа претставува клучен механизам за созревање на оралните структури и логомоторни вештини кои подоцна се потребни за здрав говор кај детето.
Фази на хранење
Орално-подготвителна фаза – во оваа фаза детето ја препознава храната преку вид, мирис и допир. Храната се обработува во усната празнина со помош на забите, јазикот и вилицата, се формира залак и се развиваат првичните вештини за џвакањто.
Орална фаза – залакот се придвижува кон задниот дел на усната празнина со контролирано движење на јазикот.
Фарингеална фаза – се активира рефлексот на голтање, при што е неопходна добра координација помеѓу дишењето и голтањето.
Езофагеална фаза – храната се движи низ хранопроводот кон желудникот.
За нивно правилно функционирање потребна е синхронизирана активност на јазикот, усните, вилицата, мекото непце и фарингеалната мускулатура, како и интеграција на сензорните информации (допир, вкус, температура и текстура), односно како што детето расте, така и хранењето се менува – од млеко, кон кашеста храна, па се до поцврста храна со различна текстура. Овој постепен премин е многу важен затоа што секоја фаза го подготвува детето за следната.
Влијание на хранењето врз развојот на говорот и логомоториката
Орално-моторниот апарат кој се користи за хранењето претставува дел од основата за развој на говорот и правилна артикулацијата на гласовите. Џвакањето, контролата на болусот, латералните движења на јазикот, стабилноста на вилицата и активноста на усните претставуваат основа за развој на прецизни, координирани и стабилни движења неопходни за правилна артикулација. Кога “устата не вежба“ доволно преку јадење, подоцна доаѓа до потешкотии при изведување на сложените движења потрeбни за говорот.
Кашеста храна – кога и зошто станува проблем?
Кашестата храна e важен дел од исхраната и хранењето кај децата, но таа треба да претставува само преодна фаза. Истражувањата покажуваат дека децата кои се задржуваат подолг период исклучиво на кашеста и пасирана храна, без навремено воведување на поцврсти и разновидни текстури, имаат поголем ризик за:
- слаб логомоторен тонус
- артикулациски нарушувања
- нејасен или недоволно разбирлив говор
- забавен говорен развој
- намалена орална сензорна стимулација
- потешкотии во џвакањето и голтањето
Џвакањето игра клучна улога во развојот на моторното планирање, кое е неопходно и за говорната продукција, па затоа препорачливо е, уште во втората половина од првата година на детето, постепено воведување на храна со различна текстура, прилагодена на развојното ниво, со цел правилен развој на орално-моторните функции.
Растројства на хранењето кај деца
Потешкотиите во хранењето кај децата претставуваат чест, но често недоволно препознаен проблем во раното детство. Иако родителите најчесто ги доживуваат овие потешкотии како “фаза“ или како проблем поврзан исклучиво со хранењето. Растројствата на хранењето кај деца се дефинираат како перзистентни потешкотии во внесот на храна кои не одговараат за неговата возраст. Тоа не е повремено пребирање, туку постојан проблем, кој најчесто се манифестира како:
- одбивање на храна
- изразена селективност на намирници
- прифаќање само на одредена текстура
- гадење, давење или повраќање
- пролонгирано јадење и фрустрација.
Сензорно растројство на хранењето
Сензорното растројство на хранењето кај децата е една од најчестите форми на нарушување во хранењето, кај кои проблемот не е во желбата за јадење, туку во начинот на кој тие ја перцепираат и чувствуваат храната, при што детето има нарушена обработка на сензорните карактеристики на храната – текстура, мирис, вкус, боја или температура. Сензорната преосетливост на хранењето резултира со ограничен внес на храна што доведува до недоволна орална стимулација и негативно влијание врз логомоторниот и говорниот развој.
Потешкотиите во хранењето најчесто се појавуваат при воведување на нови текстури и се почести кај деца со:
- аутистичен спектар на нарушувања
- рецептивен вид на развојна дисфазија
- интелектуална попреченост
- церебрална парализа
- предвремено родени деца
- сензорна интегративна дисфункција
- психијатриски растројства
- друго
Студиите покажуваат дека кај деца со невроразвојни нарушувања, проблемите со хранењето се присутни кај 40–80% од случаите.
Третман
Третманот на растројствата во хранењето мора да биде ран, систематски и интердисциплинарен. Логопедот има централна улога во процената и интервенцијата, особено кога постои поврзаност со говорни нарушувања, а самиот третман вклучува:
- развој и зајакнување на орално-моторните вештини
- сензорна десензитизација на оралната регија
- постепено и контролирано воведување на различни текстури
- подобрување на координацијата усни-јазик-вилица
- континуирана едукација и поддршка на родителите
- друго
Раната интервенција значително придонесува за подобрување на хранењето и на говорниот развој, особено кога третманот започнува во првите години од животот, кога мозокот има најголема невропластичност.
Кога да побарате стручна помош?
Доколку вашето дете:
- одбива одредени текстури
- јаде само пасирана и едноврсна храна
- дожувува фрустрација при хранење
- ја плука храната и повраќа
- има доцнење или нејасен говор
Во нашиот центар секојдневно работиме со деца кај кои потешкотиите во хранењето се директно поврзани со нарушен логомоторен и говорен развој. Преку индивидуални логопедски третмани, насочени кон развој на орално-моторните вештини, сензорната интеграција и постепено воведување на различни текстури на храна, постигнуваме значително подобрување и во исхраната и во говорната продукција. Нашиот пристап е усогласен со современите научни препораки и докажани практики.
Ангела Волческа
логопед
SLP.BOJAN – центар за логопедија, специјална едукација и рехабилитација
м-р спец. Бојан Богдановски
клинички логопед – специјалист
м-р по СЕР – аутизам и интелектуална попреченост
+ 389 75 350 374
