Сензорни нарушувања претставуваат потешкотии во примањето, обработката и интегрирањето на информации од сетилата – вид, слух, допир, мирис, вкус, рамнотежа и проприоцепција (осет за движење и позиција на телото). Кај децата со развојни растројства, овие нарушувања може да доведат до пренагласена или намалена чувствителност на стимулите, што влијае на нивното однесување, учење, играње и секојдневно функционирање.
Сензорната обработка е основен процес преку кој детето ги прима и организира информациите од околината за да може соодветно да реагира. Кај многу деца со развојни растројства – како што се аутистичниот спектар, АДХД, интелектуални попречености или развојни доцнења – овој процес може да биде нарушен, што доведува до појава на сензорни нарушувања.
Важноста на разбирањето на овие сензорни предизвици е голема, бидејќи тие често стојат во основата на однесувања кои родителите и наставниците ги сметаат за “тешки“ или “необични“. Со правилно препознавање и соодветна поддршка – како приспособена средина, сензорни активности и помош од стручни лица – децата можат значително да го подобрат своето функционирање и да се чувствуваат побезбедно и постабилно во секојдневните ситуации.
Кои лица најчесто имаат сензорни нарушувања?
• Деца со развојни нарушувања: аутистичен спектар на нарушувања, развојна дисфазија, ADHD, интелектуална попреченост, лица со ретки болести, друго.
• Деца со сензорни пречки: прекумерна или намалена чувствителност на сетилата (допир, звук, светлина, движење).
• Деца со моторни потешкотии: потешкотии во координацијата, рамнотежата или други сегменти од психомоторниот развој.
• Лица по повреди на мозокот: повреди на централниот нервен систем, по доживеан мозочен удар, сообраќајна несреќа, трауми на главата, што го нарушуваат нормалното сензорно обработување.
Клиничка слика на сензорни нарушувања
Сензорните нарушувања најчесто се јавуваат како дел од развојните нарушувања, но истите никогаш не се манифестираат исто кај секој поединец. Сепак, сензорните нарушувања можат да се јават како:
a) Прекумерна чувствителност
Се манифестира со одбегнување допир по кожата (најчесто на скалпот на главата), затворање уши при изложеност на одредени звуци (звук на фен, блендер, правосмукалка…), одбегнување светлина (ги покрива очите со раката), избегнување и фрустрација при јадење храна со одреден вкус или текстура (варен компир, варена жолчка од јајце, манџи, супи, парче месо, друго), а јадење пасирана или еднолична храна, избегнување и фрустрација при допир на одредени текстури (плиш, сомот, песок, земја…), избегнување контакт со вода и валкани површини, избегнување и фрустрација при чешлање, шишање, миење заби и сечење нокти, одење на прсти или избегнување да се гази бос по површина со изразена текстура (трева, песок, дрво, камен…), фрустрација, избегнување и потреба за стабилност при качување и на мала височина, кревање во раце, лулање на лулашка, друго.
б) Намалена чувствителност
Отсуство или намалено чувство за болка (детето не плаче и не бара помош од родителот при пад на земја или удар од мебел), самоагресија (нанесување болка сам врз себе – најчесто ги гризе рацете), намалено чувство на топлина, потреба силно да ги стиска луѓето околу себе за рака и да се стресува, или да бара да биде силно стиснат, доближува силни звучни и вибрирачки предмети до себе, најчесто до увото или до лицето, сака да ги соблекува чорапите и да оди бос, сака целосно да се соблече гол и да се гледа пред огледало, прекумерно јадење, прекумерно ставање предмети во уста, доближување предмети блиску од очите, не е свесен за својата безбедност (дали може да падне и да се повреди од лулашка), друго.
Сензорните нарушувања изразено го нарушуваат секојдневното функционирање на личноста и нејзиниот квалитет на живот, а истите придонесуваат за појава на дополнителни тешкотии како што се:
• Тешкотии во фаќањето предмети, тешкотии во употребата на кујнскиот прибор, потешкотии во самостојното облекување и соблекување.
• Потешкотии во рамнотежата, често паѓање кон напред или кон позади, некоординиран од, тешкотии во стоењето и скокањето на една нога.
• Потешкотии со внимание и концентрација, поради сензорни преоптоварувања.
• Деструктивно однесување во вид на агресија, самоагресија, анксиозност или избегнување одредени ситуации, каде се избегнува сензорната интеграција.
• Проблеми во изведувањето на секојдневните активности – облекување и соблекување, исхрана, лична хигиена, игра, поради сензорни проблеми.
Дијагностика
Сензорните нарушувања најчесто се препознаени за време на првичната дијагностика и проценка кај дефектолог, логопед, психијатар и невролог. Тогаш стручните лица препорачуваат на дефектолошка проценка со досие и сензорно-интеграциска проценка.
Важно е да се напомени, дека сензорно-интеграциската проценка се изведува од страна на сертифициран сензорен терапевт. Сензорно-интеграциската проценка вклучува прибирање на анамнестички податоци од родителите/семејството на лицето со сензорни нарушувања, опсервација на лицето во различни ситуации, околности и при изведување на различни активности, како и примена на специјализирани тестови за сензорна обработка (Sensory Profile, SIPT…).
Третман
Третманот е изведуван од страна на дефектолог (специјален едукатор и рехабилитатор) и сензорен терапевт, а истиот има за цел на да се подобри начинот на кој мозокот ги обработува сетилните информации, со што се олеснува секојдневното функционирање, учење и социјална интеракција.
Сензорната терапија вклучува:
• активности кои стимулираат различни сетила (лулање, допир со разни материјали, игра со песок, вода, светлина, музика, итн.);
• специјално опремени сензорни соби;
• вежби за подобрување на концентрација, рамнотежа и моторика;
• друго.
Сензорната терапија се спроведува преку игра – најприродниот начин на учење за детето. Терапевтот внимателно избира активности што го стимулираат мозокот да создава нови врски меѓу сетилата. Детето, на пример, може да се ниша, да скока, да влече, да турка предмети, да оди босо по различни површини или да слика со прсти. Секоја од овие активности има цел: подобрување на координацијата, вниманието и контрола на движењата.
Ги охрабруваме сите родители и семејства на лица кои имаат сензорни нарушувања, навреме да побараат стручна помош. Само стручниот, професионален и научно докажан третман, дава најдобри резултати во најкраток временски рок.
м-р спец. Бојан Богдановски
клинички логопед – специјалист, СЕР – интелектуална попреченост и аутизам
Андреа Левковска Младеновски
сензорен терапевт – педагог
SLP.BOJAN – центар за логопедија, специјална едукација и рехабилитација
+ 389 75 350 374
