Ламбдацизам претставува артикулациско нарушување кои ги засега гласовите л и љ. Претставник на оваа група, односно глас по кој е познат овој вид на артикулациско нарушување, е гласот л. Ламбдацизмот може да се јави како:
Интердентален ламбдацизам – се манифестира така што при изговорот на гласовите јазикот излегува од усната празнина, се поставува меѓу предните заби – секачи и е видлив, наместо да биде поставен на алвеолите, зад горните предни заби – секачи.
Унилатерален ламбдацизам – се манифестира така што при изговорот на гласовите само еднострано јазикот се поставува на алвеолите, поради што воздушната струја минува еднострано. Поради јачината на продорот на воздушната струја, изговорот може да биде пропратен со исфрлање плунка.
Од она што го гледаме во секојдневната пракса, во однос на тоа како настанува и како се изговара гласот л, можеме да додадеме дополнителна класификација на:
Лабијален ламбдацизам – се манифестира така што јазикот не се поставува на алвеолите, туку мирно лежи зад долните предни заби – секачи, а усните се истураат и заокружуваат кон напред, па така се добива гласот W.
Палатинален ламбдацизам – се манифестира така што јазикот со врвот и предниот дел се свиткува кон назад и допира на тврдото непце, зад алвеолите, па се добива л кое звучи на руското л.
Обезвучен ламбдацизам – се манифестира кај пациенти со краток frenulum linguae, при што јазикот не може да оствари алвеоларен контакт при изговор на гласот л, односно палатинален контакт при изговор на гласот љ, па се добива глас кој звучи на полувокалот њ.
Третман
Третманот на ламбдацизмот, односно неправилниот изговор на гласот Л, опфаќа:
Вежби за логомоторика – претставуваат вежби преку кои се постигнува нормализирање на активноста и подобрување на подвижноста на мускулите и органите кои учествуваат во процесот на артикулација, односно во процесот на формирање на гласовите.
Артикулациски метод – претставува класичен и најприменуван логопедски метод за третирање на артикулациските нарушувања, при кој се употребуваат дрвени или метални шпатули со чија помош се местат артикулаторите на соодветното место за формирање на одреден глас. По поставувањето на артикулаторите на соодветното место, логопедот изговара гласовни комбинации, зборови и реченици во кои се содржи критичниот глас, а пациентот треба да ги повторува истите се до автоматизирање и функционална примена на третираниот глас во секојдневниот говор.
Покрај дрвените и металните шпатули, кои се најчесто користениот логопедски инструмент, за целите на артикулацискиот метод може да се користат и логопедски сонди. Логопедската сонда претставува тенка нерѓосувачка хромирана жица со одредена форма која се применува како инструмент кој ја олеснува корекцијата на гласовниот изговор. Логопедските сонди се достапни на пазарот како сет од 6 логопедски сонди наменети за корекција на еден или повеќе гласови.
Аудиолингвистички третман – претставува вид на третман каде се врши дигитално сигнално процесирање на звукот при говорно-јазичната терапија. Овој вид на третман се извршува на тој начин што на пациентот му се поставуваат слушалки кои се дел од некој дигитален логопедски апарат, преку кој се врши елиминација на говорните целини во кои е присутна грешка, се истакнуваат говорни сегменти кои се неправилно артикулирани или неправилно аудитивно исперцепирани, се пропуштаат говорните сегменти кои се надвор од полето за корекција и/или се додава DAF ефект, додека логопедот ги поставува артикулаторите на пациентот на место и бара од пациентот да повторува гласовни комбинации, зборови и реченици во кои се содржи критичниот глас.
Овој метод се користи во рехабилитацијата и на артикулациските и на фонолошките нарушувања, и со негова помош се овозможува побрзо добивање на посакуваните резултати. Најчести логопедски апарати за оваа примена кои се употребуваат на нашите простори се DLS, Behringer, KSAFA и други.
Логофон – претставува логопедски инструмент кој предизвикува стимулација на подвижноста на говорните органи (јазик, образи, меко непце, усни). Овој логопедски инструмент се користи како прецизен поставувач на артикулаторите на адекватната позиција и како помагало при пасивната и активната логопедска масажа на оро-буко-лингвалната мускулатура.
Едукација на родителите – претставува задолжителен дел од логопедскиот третман кој има за цел запознавање на родителите со артикулациското нарушување, начинот на третирање, обучување за изведување на третманот во домашни услови и задолжително давање на пишана програма со вежби после секој логопедски третман.
м-р спец. Бојан Богдановски
клинички логопед – специјалист
м-р по СЕР – аутизам и интелектуална попреченост
SLP.BOJAN – центар за логопедија, специјална едукација и рехабилитација
+ 389 75 350 374
