Ротацизам претставува артикулациско нарушување кои го засега гласот р. Се смета за еден од потешките видови артикулациски нарушувања. Ротацизмот може да се јави како:
Билабијален ротацизам – се манифестира така што гласот се формира со вибрација на двете усни, без активност на јазикот. Карактеристичен е за малите деца, а истиот е познат и како кочијашко р.
Невибрантен билабијален ротацизам – се манифестира така што јазикот мирно лежи зад долните предни заби – секачи, а усните се истураат и заокружуваат кон напред, па така се добива гласот W. Карактеристичен е за малите деца.
Латерален ротацизам – се манифестира така што едниот дел од врвот на јазикот допира на алвеолите, а другиот дел од врвот на јазикот вибрира, односно постои асиметрија во функцијата на јазикот. Една од причините за латерален ротацизам е едностраната пареза на јазикот.
Дорзален ротацизам – се манифестира така што активен е дорзалниот дел од јазикот, кој остварува контакт со мекото непце, па се добива комбиниран глас ,,р-х” кој најблиску звучи на француското р.
Увуларен ротацизам – се манифестира така што активен е страничниот дел на мекото непце и увулата, кој остварува контакт со дорзалниот дел на јазикот. Иако во однос на вклученоста на структурите е ист како дорзалниот ротацизам, при увуларниот ротацизам се јавуваат побрзи вибрации и нема обезвучување.
Гутурален ротацизам – се манифестира така што гласот се формира на патот кон коренот на јазикот, па затоа велиме дека се создава грлен глас кој најблиску звучи на германското р.
Третман
Третманот на ротацизмот, односно неправилниот изговор на гласот Р, опфаќа:
Вежби за логомоторика – претставуваат вежби преку кои се постигнува нормализирање на активноста и подобрување на подвижноста на мускулите и органите кои учествуваат во процесот на артикулација, односно во процесот на формирање на гласовите.
Артикулациски метод – претставува класичен и најприменуван логопедски метод за третирање на артикулациските нарушувања, при кој се употребуваат дрвени или метални шпатули со чија помош се местат артикулаторите на соодветното место за формирање на одреден глас. По поставувањето на артикулаторите на соодветното место, логопедот изговара гласовни комбинации, зборови и реченици во кои се содржи критичниот глас, а пациентот треба да ги повторува истите се до автоматизирање и функционална примена на третираниот глас во секојдневниот говор.
Покрај дрвените и металните шпатули, кои се најчесто користениот логопедски инструмент, за целите на артикулацискиот метод може да се користат и логопедски сонди. Логопедската сонда претставува тенка нерѓосувачка хромирана жица со одредена форма која се применува како инструмент кој ја олеснува корекцијата на гласовниот изговор. Логопедските сонди се достапни на пазарот како сет од 6 логопедски сонди наменети за корекција на еден или повеќе гласови.
Аудиолингвистички третман – претставува вид на третман каде се врши дигитално сигнално процесирање на звукот при говорно-јазичната терапија. Овој вид на третман се извршува на тој начин што на пациентот му се поставуваат слушалки кои се дел од некој дигитален логопедски апарат, преку кој се врши елиминација на говорните целини во кои е присутна грешка, се истакнуваат говорни сегменти кои се неправилно артикулирани или неправилно аудитивно исперцепирани, се пропуштаат говорните сегменти кои се надвор од полето за корекција и/или се додава DAF ефект, додека логопедот ги поставува артикулаторите на пациентот на место и бара од пациентот да повторува гласовни комбинации, зборови и реченици во кои се содржи критичниот глас.
Овој метод се користи во рехабилитацијата и на артикулациските и на фонолошките нарушувања, и со негова помош се овозможува побрзо добивање на посакуваните резултати. Најчести логопедски апарати за оваа примена кои се употребуваат на нашите простори се DLS, Behringer, KSAFA и други.
Логофон – претставува логопедски инструмент кој предизвикува стимулација на подвижноста на говорните органи (јазик, образи, меко непце, усни). Овој логопедски инструмент се користи како прецизен поставувач на артикулаторите на адекватната позиција и како помагало при пасивната и активната логопедска масажа на оро-буко-лингвалната мускулатура.
Едукација на родителите – претставува задолжителен дел од логопедскиот третман кој има за цел запознавање на родителите со артикулациското нарушување, начинот на третирање, обучување за изведување на третманот во домашни услови и задолжително давање на пишана програма со вежби после секој логопедски третман.
м-р спец. Бојан Богдановски
клинички логопед – специјалист
м-р по СЕР – аутизам и интелектуална попреченост
SLP.BOJAN – центар за логопедија, специјална едукација и рехабилитација
+ 389 75 350 374
