Исклучително важно е децата уште од најрана возраст, уште во прелингвалниот период, да се стимулираат на тој начин што родителите ќе им пеат со сопствениот глас песнички со најразлична мелодија и интонација на мајчин јазик, ќе им зборуваат чисто и правилно како да зборуваат со возрасен човек додека остваруваат контакт со очи, ќе ги запознаваат со најразлични звуци од околината, нема да зборуваат на т.н. ,,бебешки” јазик со децата, нема да ги изложуваат своите деца на модерна технологија, што е исклучително штетно за нивниот целокупен развој.
Кај секој поединец уште во најраната возраст постои природна предиспозиција за усвојување на говорот и јазикот, освен ако не станува збор за некое развојно нарушување кое го запира развојот на аудитивната перцепција и дискриминација, односно го запира и/или оштетува говорно – јазичниот развој.
Доколку постои адекватен развој, се очекува редоследно детето:
1. Преку плачот да биде стимулирано да ги усвои самогласките. Да го перцепира говорот на мајката додека го дои и истовремено да остварува контакт со очи, па додека цица природно го остварува вдишувањето и издишувањето преку нос, со што при секоја гласовна реакција воздушната струја минува низ носот, што претставува база за усвојување на назалите. Појавата на гугањето и брборењето е проследена со движење на усните, па така детето ги усвојува билабијалните плозиви. Детето најпрво ги забележува најистакнатите делови од зборовите од околината, па се обидува да ги репродуцира или да ги сврзува во целини. Најчесто децата во овој период се трудат и можат да го репродуцираат првиот слог од зборот.
2. Да усвои гласови, но поради недостигнатата физиолошка зрелост и спретност на говорните органи, исто така и голем број гласови остануваат неусвоени. Поради ова, детето нецелосно ја перцепира структурата на зборовите, особено на посложените зборови каде може и воопшто да не ја перцепира нивната структура, па зборовите кои ги користи се со недостаток, односно испуштање на гласови (омисија) (пр. коа, наместо, коска). Овој недостаток е највеќе изразен кај зборови кои содржат поголем број на согласки, па некогаш испуштањето може да биде и на цели слогови (пр. бони, наместо, бонбони), поради што говорот е неразбирлив и детето го разбираат само родителите, односно семејството.
3. По совладувањето на поголем број на гласови, детето почнува да се труди да ги изговори и употреби зборовите кои ги слуша, но поради нецелосната артикулациска развиеност и акустичките карактеристики на гласовите, детето неусвоениот глас го заменува, односно врши супституција, со веќе усвоен глас. На овој начин детето се повеќе се доближува до правилниот изговор на сите гласови. Супституцијата на неусвоениот глас може да биде извршена со различни усвоени гласови, но најчесто е извршена со усвоени гласови слични по звучност на неусвоениот глас.
4. Детето ги има усвоено сите гласови, но при изговорот тие можат да бидат изговорени меко, девокализирано, со недоволен интензитет на воздушната струја и слично, односно постои развојна дисторзија на гласовите која е преодна фаза кон здравиот и правилен изговор на гласовите.
5. Детето правилно ги изговара и употребува во зборот сите гласови, стремејќи се целосно да го постигне квалитетот на артикулација и комуникација како кај возрасните.
Покрај начинот на развојот на гласовите, од исклучителна важност е да го познаваме и временскиот развој на гласовите, како би знаеле кога станува збор за прифатливо неусвоен глас согласно возраста, а кога станува збор за патологија во вербалната комуникација.
Можеме да кажеме дека во литературата постојат повеќе поделби за временскиот развој на гласовите, но со секојдневната логопедска пракса можеме да потврдиме дека и покрај генерално прифатените временски рамки за развој на гласовите, индивидуалниот развој на децата придонесува некои гласови да се усвојат порано или пак подоцна во однос на утврдената временска рамка за развој на одредениот глас. Сепак, отстапката од временската рамка на развојот на одреден глас се толерира доколку таа постои во период до шест месеци.
За таа цел ви ја претставуваме временската рамка за развој на гласовите:

Доколку детето и покрај надминатата временска рамка за усвојување на одреден глас, јавува нарушување на перцепцијата и/или артикулацијата на истиот глас, односно јавува патологија во вербалната комуникација, од исклучително значење е стручната логопедска дијагностика и логопедски третман.