Кога треба да се посомневаме во развојот на нашето дете?

Секој млад родител, особено во ова време, стравува за тоа дали неговото дете се развива добро. Честопати родителите прво се консултираат со нивните пријатели или роднини, за тоа дали е се во ред со нивното дете, и дали треба да побараат стручна помош или нема потреба од истото.

Во овој текст, зборуваме за нарушувања и потешкотии кои укажуваат на тоа дека нешто не е во ред во развојот на детето и постои потреба од преглед од стручно лице. Тука се вбројуваат:


Неорганизираност и нарушување на моториката

Хипотонија, пареза, парализа, недостаток на рамнотежа, потешкотии во одењето, трчањето и скокањето, потешкотии во латерализацијата, недостаток на визио-моторна координација (координација око-рака), неорганизираност на моториката на прстите, потешкотии во моториката во мирување, норганизирана координација на горните, долните или на горните и на долните екстремитети, потешкотии во изведувањето на налози, неорганизираност на мускулатурата на лицето, неправилно држење на моливот, друго. 


Нарушувања на социјалната интеракција

Недостаток на контакт со очи, ограничена социјална насмевка, повлеченост, недостаток на желба за интеракција со други лица, паралелно играње покрај врсниците наместо играње со нив, занесеност во себе како во сопствен свет, приоѓање кон непознати лица со цел да ги допре за некој дел од телото, за некој дел од облеката или со цел да им се додели некој коментар или прашање, слабо општествено резонирање, необичен опсег на интереси (диносауруси, планети, броеви, букви, возови, баркодови, сообраќајни знаци…), стереотипна и/или репетативна игра, восхитување од предмети кои создаваат повторувачки движења (тркалата на количката играчка), играње само со одреден дел од играчката, друго.


Сензорни нарушувања

Вознемирување при промена (силна фрустрација при сопирање на играта, забележување промени на рутата на возење, промена на секојдневниот редослед на активности, промена на редоследот на секојдневната поставеност на предметите…), одење на прсти, крцкање со забите, игри со плунка, стресување со рацете пред лицето, плукање по рацете, изразена желба за скокање на кревет, качување по мебелот, хиперсензитивност на звуци (звук од блендер, фен, мотор…), хиперсензитивност на мириси, допир и/или светлина, вознемирување од метеж, потреба од ставање на предметите во уста, доближување на предметите блиску до очи, висока толеранција на болка или преосетливост на болка, одбивање носење облека со одредена текстура, одбивање храна со одредена текстура, најчесто храна со грутки, при што храната ја плука, ја голта без да ја џвака или ја повраќа, нереагирање на аудитивните дразби поради оштетување на слухот, друго. 


Нарушувања на говорот и на јазикот

Недостаток на говор, оскуден говор, појава и употреба на говор на возраст од 12 до 24 месеци, а потоа губење на дотогаш стекнатиот говор, подобро развиени моторни вештини отколку говорни вештини во однос на возраста, употреба на гестикулации наместо говор, фаќање на раката на возрасниот и носење до посакуваната цел, наместо кажување за потребата или самостојно завршување на истата, употреба на неартикулирани гласови, ехолалија (моментално или одложено повторување на веќе слушнатото), аграматичен говор (“мајка ти” наместо “мајка ми”, “ти” наместо “јас”…), пелтечење, потешкотии во читањето и пишувањето, нарушувања на гласот, друго. 


Емоционални нарушувања

Емоционална лабилност (брзо преминување од смеење во плачење, и обратно), ниска толеранција на фрустрација, тантруми, агресија, самоагресија, хиперактивност, надразливост, потешкотии во спиењето, невообичаени стравови (стравови од тоалети, лифтови, скали, балони…), халуцинации, суицидални идеи, друго. 


Конгенитални малформации или аномалии

Аненцефалија, микроцефалија, Спина Бифида, брахицефалија, расцепи на непцето, конгенитални малформации на увото, синдактилија, недостаток на екстремитети, испакнати очи, изразено оддалечени очи, споени веѓи, прогнатија, макроглосија, друго. 

!!! АПЕЛИРАМЕ !!! ПРВИОТ МОМЕНТ КОГА ЌЕ СЕ ЈАВИ СОМНЕЖ ДЕКА НЕШТО НЕ Е ВО РЕД ВО РАЗВОЈОТ НА ВАШЕТО ДЕТЕ, ПОТРЕБНО Е ВЕДНАШ ДА СЕ ЈАВИТЕ НА ПРЕГЛЕД И ПРОЦЕНА КАЈ СТРУЧНО ЛИЦЕ!!! Извор: Богдановски Бојан, Гаспар, Ф., Јотовска, О. (2023). Прирачник за поддршка на родители на деца со пречки во развојот. Гевгелија: Гаспар, Фики.