Сигматизам претставува артикулациско нарушување кои ги засега гласовите с, з, ш, ж, ч, џ,ц, ѕ, ќ, ѓ. Претставник на оваа група, односно глас по кој е познат овој вид на артикулациско нарушување, е гласот с. Сигматизмот може да се јави како:
Интердентален сигматизам
Интерденталниот сигматизамсе манифестира така што при изговор на горенаведените гласови јазикот не е поставен на адекватната позиција за изговор на одредениот глас, туку е поставен меѓу забите, излегува од усната празнина и станува видлив. Со ваков погрешен начин на поставување на јазикот, се губи потребниот жлеб кој се јавува при правилен изговор на гласот, воздушната струја се разлева по површината на јазикот и се создаваат шумови, а изговорот е препознатлив како ,,шушкање”. На ваков начин можат погрешно да бидат артикулирани и гласовите т, д, н, л, како и други гласови. Тежината на овој вид артикулациско нарушување зависи пред сè од степенот на протрузија на јазикот за време на изговорот и од времетраењето на ваков вид на изговор.
Адентален сигматизам
Аденталниот сигматизам се манифестира така што при изговорот на горенаведените гласови јазикот со поголема површина на неговиот врв се потпира на предните заби – секачи. Се смета за нормална појава, само кога пациентот посетува логопедски третман поради интердентален сигматизам, па се јавува како преодна фаза кон правилен изговор.
Латерален сигматизам
Латералниот сигматизам се манифестира така што при изговорот на гласовите јазикот наместо да има создадено жлеб низ кој ќе минува воздушната струја, тој се подигнува нагоре, поради што воздушната струја минува странично. Зависно од подигнатоста на јазикот, воздушната струја може да минува унилатерално или билатерално. Најчесто ваквиот изговор е напнат и звучи исклучително непријатно.
Стридентен сигматизам
Стридентниот сигматизам се манифестира така што при изговорот на гласовите се формира предлабок жлеб на јазикот, па изговорот е пискав и звучи како свирење. Напнатоста при изговор е изразена, со што дополнително се зголемува интензитетот на свирењето.
Палатинален сигматизам
Палатиналниот сигматизам се манифестира така што при изговорот на гласовите јазикот се прилепува на алвеолите со што се растегнува предниот дел на јазикот и се создава плиток, неадекватен жлеб, па изговорот е омекнат, мазен и звучи ,,бебешки”. Напнатоста е слабо изразена.
Оклузивен сигматизам
Оклузивниот сигматизам се манифестира така што при изговорот на гласовите јазикот е исто поставен како кај палатиналниот сигматизам, па затоа овие две нарушувања често неадекватно се препознаваат и се сметаат за исто нарушување, што е сосема погрешно. Оклузивниот сигматизам е цврст и изразено напнат, со намалување на фреквенциската висина на гласовите.
Назален сигматизам
Овој вид сигматизам се манифестира така што при изговорот на гласовите јазикот се повлекува назад, се поткрева неговиот корен кој се потпира и врши притисок врз мекото непце, поради што мекото непце се спушта и воздушната струја минува низ носот, наместо низ усната празнина. Пред изговорот на секој засегнат глас се јавува носна експлозија. Честопати, назалниот сигматизам и ринолалијата неадекватно се препознаваат и се донесува погрешна дијагноза, што е сосема погрешно. Поради тоа, од исклучителна важност е логопедот точно да го дијагностицира нарушувањето. Назалниот сигматизам го зафаќа само нарушениот глас, додека ринолалијата го зафаќа целиот говор.
Третман
Третманот на сигматизмот, односно неправилниот изговор на оваа група гласови, опфаќа:
Вежби за логомоторика – претставуваат вежби преку кои се постигнува нормализирање на активноста и подобрување на подвижноста на мускулите и органите кои учествуваат во процесот на артикулација, односно во процесот на формирање на гласовите.
Артикулациски метод – претставува класичен и најприменуван логопедски метод за третирање на артикулациските нарушувања, при кој се употребуваат дрвени или метални шпатули со чија помош се местат артикулаторите на соодветното место за формирање на одреден глас. По поставувањето на артикулаторите на соодветното место, логопедот изговара гласовни комбинации, зборови и реченици во кои се содржи критичниот глас, а пациентот треба да ги повторува истите се до автоматизирање и функционална примена на третираниот глас во секојдневниот говор.
Покрај дрвените и металните шпатули, кои се најчесто користениот логопедски инструмент, за целите на артикулацискиот метод може да се користат и логопедски сонди. Логопедската сонда претставува тенка нерѓосувачка хромирана жица со одредена форма која се применува како инструмент кој ја олеснува корекцијата на гласовниот изговор. Логопедските сонди се достапни на пазарот како сет од 6 логопедски сонди наменети за корекција на еден или повеќе гласови.
Аудиолингвистички третман – претставува вид на третман каде се врши дигитално сигнално процесирање на звукот при говорно-јазичната терапија. Овој вид на третман се извршува на тој начин што на пациентот му се поставуваат слушалки кои се дел од некој дигитален логопедски апарат, преку кој се врши елиминација на говорните целини во кои е присутна грешка, се истакнуваат говорни сегменти кои се неправилно артикулирани или неправилно аудитивно исперцепирани, се пропуштаат говорните сегменти кои се надвор од полето за корекција и/или се додава DAF ефект, додека логопедот ги поставува артикулаторите на пациентот на место и бара од пациентот да повторува гласовни комбинации, зборови и реченици во кои се содржи критичниот глас.
Овој метод се користи во рехабилитацијата и на артикулациските и на фонолошките нарушувања, и со негова помош се овозможува побрзо добивање на посакуваните резултати. Најчести логопедски апарати за оваа примена кои се употребуваат на нашите простори се DLS, Behringer, KSAFA и други.
Логофон – претставува логопедски инструмент кој предизвикува стимулација на подвижноста на говорните органи (јазик, образи, меко непце, усни). Овој логопедски инструмент се користи како прецизен поставувач на артикулаторите на адекватната позиција и како помагало при пасивната и активната логопедска масажа на оро-буко-лингвалната мускулатура.
Едукација на родителите – претставува задолжителен дел од логопедскиот третман кој има за цел запознавање на родителите со артикулациското нарушување, начинот на третирање, обучување за изведување на третманот во домашни услови и задолжително давање на пишана програма со вежби после секој логопедски третман.
м-р спец. Бојан Богдановски
клинички логопед – специјалист
м-р по СЕР – аутизам и интелектуална попреченост
SLP.BOJAN – центар за логопедија, специјална едукација и рехабилитација
+ 389 75 350 374
