За пелтечењето може многу да се зборува. Најразлични теории, автори, пристапи и видови на третман се појавиле низ годините, се со една цел, да се открие вистинската етиологија на пелтечењето, како и да се пронајде соодветниот третман за истото
Пелтечењето претставува нарушување на ритамот и темпото на говорот, кое се манифестира со повторување, продолжување или прекинување на некој глас, и покрај тоа што лицето точно знае што и како сака да каже. Ова говорно нарушување е претставено со нарушена флуентност на говорот, прекината со грчеви, затреперување или абнормалност во фонацијата и дишењето, која може да биде провоцирана или засилена на психолошка основа.
Етиологија
Како низ годините, па така и сега, етиологијата на пелтечењето е нешто што е во постојано истражување. Во голем број случаи, како кај деца, така и кај возрасни, причината за појавување на пелтечењето е непозната. Пелтечењето според голем број автори има полиетиолошка природа, па како некои од факторите кои влијаат врз појавата на пелтечењето би ги набројале:
- генетски предиспозиции
- невромускулни фактори
- лингвистички фактори
- психолошки фактори
- неправилно дишење
- фактори поврзани со средината
- фактори поврзани со секојдневието
- други причини
Видови пелтечење
Физиолошко пелтечење – се јавува помеѓу втората и петтата година од животот, односно во периодот на говорниот развој. Претставено е со нетечно зборување, каде има повторување на почетните гласови, слогови или зборови. Во овој период од големо значење е посветеноста на родителите и околината кон личноста и говорот на детето, како и навременото започнување со логопедски третмани, затоа што честопати ова пелтечење може да биде и најава за понатамошното вистинско пелтечење.
Примарно пелтечење – настанува кога детето е во развојна конфузија, односно кога треба да биде посветено и на говорните и на моторните вештини. Во суштина, примарното пелтечење не е вистинско пелтечење, затоа што детето почесто повторува гласови и слогови, прави паузи во говорот, но се уште не е свесно за своето неправилно говорење, ниту пак се напрега или труди да се корегира. Во овој случај се препорачува што побрзо започнување со логопедски третмани.
Секундарно пелтечење – или уште наречено и вистинско пелтечење. Се јавува со различни симптоми од различен степен, а детето е свесно за својата состојба и во голема мера таа му пречи. Дел од симптомите на секундарното пелтечење се: изразено неправилно дишење, силни запирања и повторувања на делови од зборовите или реченицата, напнатост на мускулите (особено на говорните органи), лоша слика за себе како лице кое пелтечи, тикови, потење, срам и непријатност кога настанува пелтечењето, избегнување на одредени говорни ситуации, како и намалена самодоверба.
Абруптно пелтечење – може да се јави во било која возраст од животот и најчесто настанува после доживеана физичка или психичка траума. Се јавува нагло со говорни потешкотии.
Видови спазми при пелтечење
Пелтечењето се јавува со две форми на спазми: клонични и тонични.
– Клоничната форма се карактеризира со повторување на почетниот глас или слог (пр. к-к-кола, ко-ко-кола, П-П-Петре).
– Тоничната форма се карактеризира со изразено неправилно дишење, спазми на говорните органи при изговарање на гласовите и долги паузи.
– Мешана форма со клонични и тонични спазми
Пелтечењето кај децата најчесто се јавува како физиолошко пелтечење или како автентично, комуплсивно-спастично пелтечење во развојниот период, додека пак кај возрасните може да се јави како: пелтечење од органски тип (епилепсија, експресивна афазија, Паркинсонова болест), пелтечење од невротски тип (анксиозни, експлозивни, агресивни, хиперсензитивни личности), пелтечење од хистеричен тип (непосредно по доживеан стрес, кое може да биде пропратено со афонија), пелтечење во склоп на тахифемија (тахифемија и логореа), како и пелтечење во склоп на длабоки пореметувања на личноста (Border line синдром и психотични пореметувања).
Тешката форма на пелтечењето се карактеризира со силни запирања во говорот проследени со безгласно отварање и затварање на устата, повторување и продолжување на гласовите и слоговите, вметнување на неадекватни гласови кон одредениот збор, чувство на анксиозност и срам, намалена самодоверба, надувување на образите, трепкање со очните капаци, срам, потење, триење на рацете или тегнење на ракавите, тикови (пр. движење со телото напред-назад за време на пелтечењето, замавнување со главата), како и ,,измореност” и страв од говорот. Стравот од говор подоцна доведува до посилно пелтечење.
Третман
Третманот е строго индивидуален, затоа што секогаш состојбата на едно лице кое пелтечи е различна од состојбата на друго лице кое пелтечи. Ефективниот третман вклучува системски пристап и најчесто бара учество на неколку специјалисти: логопед, невролог, психолог и психијатар.
Невролошкиот преглед е оној кој треба да утврди дали постои органска причина, како на пример, мускулни спазми, епилепсија, експресивна афазија, церебрална парализа, Паркинсонова болест и слично, за појава на пелтечењето. Психијатарот е оној кој ја проценува психолошката состојба на лицето кое пелтечи и по потреба применува фармакотерапија за ублажување на симптомите на страв, анксиозност и депресија. Психолошката поддршка е неминовна за надминување на сите оние психолошки тегоби кои ги носи пелтечењето.
Логопедот е оној кој воглавно го препознава и дијагностицира пелтечењето, го прави планирањето и следењето на говорната терапија, и на крај ги елаборира добиените резултати и успехот од говорната терапија.
Во логопедската пракса се применуваат најразлични методи за пелтечење, меѓу кои се: техники за релаксација, техники за дишење, автоген тренинг, сугестија, терапија за контрола на брзината на говорот, ритамот и темпото, свесна синтеза на развојот, асертивен тренинг, метода на Чевељева, техника на пасивно издишување, маскинг-оглушување, терапија на десензитизација, ДАФ систем, како и голем број други техники.
Пелтечењето е состојба која негативно влијае врз секојдневието на личноста која пелтечи. Доколку вашето дете или пак Вие пелтечите, секогаш консултирајте се со логопед. Пелтечењето е состојба за која постои третман!
SLP.BOJAN – центар за логопедија, специјална едукација и рехабилитација
+ 389 75 350 374