Секое дете го доживува светот преку своите сетила. Мозокот постојано прима информации од телото и околината, врши идентификација, дискриминација и организација на истите, за детето да може да се движи, да учи, да се концентрира и соодветно да реагира. Овој процес се нарекува сензорна интеграција.
Кога сензорната интеграција функционира правилно, детето:
- реагира соодветно на средината
- се чувствува сигурно во своето тело
- има добра рамнотежа и координација
- полесно учи и се концентрира
Кога, пак, постојат потешкотии во сензорната обработка, тие често се одразуваат врз моторниот развој, однесувањето, училишниот успех, емоционалната стабилност, односно врз целокупното секојдневно функционирање на детето.
Што е вестибуларен систем?
Вестибуларниот систем претставува еден од клучните сензорни системи кој овозможува правилно функционирање на детето во секојдневниот живот. Тој е одговорен за одржување на рамнотежата, контролата на движењето, ориентацијата во просторот и стабилизацијата на погледот при движење. Од развоен аспект, правилниот развој и функционирање на вестибуларниот систем има суштинско значење за моторниот, когнитивниот и емоционалниот развој на детето.
Вестибуларниот систем е сместен во внатрешното уво и е составен од полукружни канали и отолитни органи (утрикулус и сакулус). Овие структури регистрираат различни видови движење на главата – ротационо, линеарно и промени во положбата на телото во однос на гравитацијата. Информациите кои се примаат од вестибуларните рецептори се пренесуваат до мозочното стебло и малото мозоче, каде што се интегрираат со податоци од визуелниот и проприоцептивниот систем.
Оваа интеграција овозможува координирано движење, стабилност на телото и соодветна постурална контрола. Кај децата, вестибуларниот систем започнува да функционира уште во пренаталниот период, а неговото стимулирање продолжува преку движење, игра и интеракција со околината.
Вестибуларна стимулација и ран развој
Во раното детство, вестибуларната стимулација има значајна улога во развојот на грубата и фината моторика. Активности како нишање, вртење, трчање, качување или лизгање придонесуваат за развој на рамнотежата, координацијата и телесната шема. Овие активности исто така влијаат врз развојот на вниманието, организацијата на однесувањето и способноста за учење.
Вестибуларниот систем работи заедно со:
- проприоцептивниот систем (мускули и зглобови)
- тактилниот систем (допир)
- визуелниот систем (вид)
Децата кои имаат соодветно развиен вестибуларен систем полесно ги совладуваат моторните задачи како одење, трчање, скокање и манипулација со предмети. Дополнително, тие покажуваат подобра постурална стабилност при седење на училишна клупа, што директно влијае врз нивната способност за учење и извршување на училишните активности.
Вестибуларни потешкотии
Нарушувањата во функционирањето на вестибуларниот систем може да се манифестираат преку различни развојни потешкотии. Некои деца покажуваат хиперсензитивност на движење, при што избегнуваат активности како нишање, вртење, качување, навалување со главата надолу, друго. Други деца, пак, може да покажуваат хипосензитивност, односно постојана потреба за интензивно движење, вртење, скокање, потреба да бидат стиснати.
Ваквите потешкотии често се поврзуваат со нарушувања во сензорната интеграција, кои може да се јават кај деца со развојни нарушувања, како што се аутистичен спектар, развојна дисфазија, интелектуална попреченост, нарушувања на вниманието и хиперактивност, моторна дискоординација или други развојни нарушувања.
Клиничките знаци на вестибуларна дисфункција може да вклучуваат:
- слаба рамнотежа и чести паѓања (стоење и скокање на една нога)
- тешкотии при координирани движења
- избегнување на физички активности (качување по скали, лулање на лулашки, нишање, скокање…)
- потешкотии при одржување на стабилна положба при седење
- брз замор при моторни активности
Кај учениците, нетретираните вестибуларни потешкотии од раното детство можат да
доведат до:
- потешкотии во социјален развој (избегнување игри, повлекување, несигурност…)
- лошо внимание и концентрација ( тешкотии со седење на наставата, немир и брзо губење фокус…)
- потешкотии во пишување и фина моторик (лоша постура, брз замор, неуредно пишување…)
- потешкотии во читање и визуелна стабилност (губење ред, прескокнување зборови, жалење на главоболки…)
Третман на вестибуларни потешкотии
Раната детекција и интервенција кај деца со вестибуларни потешкотии се ог големо значење. Преку систематска проценка на моторниот и сензорниот развој, стручниот тим може да идентификува потенцијални отстапувања и да планира соодветни интервенциски програми.
Интервенцијата најчесто вклучува активности кои ја стимулираат вестибуларната перцепција, како што се:
- контролирано нишање
- ротирачки движења
- активности за рамнотежа
- полигонски моторни задачи
- комбинирани сензорно-моторни активности
Овие активности треба да бидат индивидуално прилагодени на потребите и сензорниот профил на детето, со постепено зголемување на интензитетот на стимулацијата. Третманот на вестибуларните потешкотии е изведуван од страна на специјален едукатор и рехабилитатор, и сензорен терапевт.
Раното препознавање на вестибуларните потешкотии и навремената интервенција можат значително да придонесат за подобрување на моторните и когнитивните способности на детето, како и за неговата успешна адаптација во образовната и социјалната средина.
Во нашиот центар секојдневно работиме со лица со вестибуларни потешкотии. Преку индивидуални третмани, насочени кон подобра сензорна интеграција и вестибуларна перцепција, постигнуваме значително подобрување кај децата со вестибуларни потешкотии. Нашиот пристап е усогласен со современите научни препораки и докажани практики.
м-р спец. Бојан Богдановски
клинички логопед – специјалист
м-р по СЕР – аутизам и интелектуална попреченост
Андреа Левковска Младеновски
сензорен терапевт – педагог
SLP.BOJAN – центар за логопедија, специјална едукација и рехабилитација
+ 389 75 350 374
